Европска драма во Данска: Пелистер со карактер до бод против ГОГ

Ракометарите на РК Еурофарм Пелистер одиграа храбар и зрел натпревар на гостувањето кај ГОГ во Данска, освојувајќи значаен бод по ремито 28:28 во меч исполнет со пресврти и силна борба до последната секунда.

Битолчани покажаа дека можат рамноправно да се носат со квалитетен европски противник. Иако не го отворија најдобро натпреварот и дозволија домаќинот да наметне ритам во првиот дел, во второто полувреме Пелистер одигра значително поцврсто во одбраната и поорганизирано во нападот.

По средбата од клубот истакнаа дека станува збор за „одличен натпревар“, но со доза на жалење што бодот не бил претворен во победа. Голем придонес имаше Никола на голот со серија клучни одбрани во решавачките моменти, додека Видомски, Филип и Деки дадоа значаен импулс во играта во двата правци.

Посебно се потенцира и засилувањето во редовите на Пелистер – Граховац, кој уште на првиот сериозен европски тест покажа дека ќе биде важен адут во продолжението од сезоната. Неговата енергија и сигурност дополнително ја засилија компактноста на тимот.

Ремито 28:28 можеби остава чувство дека можеше и повеќе, но истовремено носи силна порака: Пелистер игра со карактер, со верба и со поддршка од својот град.

„Само еден тим, само еден град“, порачуваат од Битола – симбол на единството што го носи овој состав на европската сцена.