Ракометните суперлигаши ги започнаа подготовките, ќе биде неизвесно за плеј-офот и многу борба за титулата!

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет

Ракометните суперлигаши ги започнаа зимските подготовки за вториот дел од сезоната, најпрво ќе биде неизвесно за плеј-офот, а потоа ќе има голема борба за титулата.

Сите екипи означија старт на зимските подготовки, некои од нив ќе се комплетираат подоцна со оглед на тоа што имаат репрезентативци кои настапуваат на Европското првенство, па по завршување на настапите на мундијалот ќе се приклучат на клубовите.

Како што претходно информиравме околу местата за плеј-офот трката ќе ја водат Тиквеш, Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп, од овие четири екипи, само две ќе успеат да бидат дел од плеј-офот, односно да се приклучат на Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и Алкалоид, а две од нив ќе извисат и ќе разигруваат во плеј-аутот со Пролет, Куманово, Струга и Радовиш.

Најголем фокус оваа сезона ќе има на борбата за титулата каде четири екипи влегуваат максимално израмнето – за првпат има четири екипи кои ќе водат борба за шампионската титула. Еурофарм Пелистер е бранител на титулата, Вардар сака да ја врати во своите витрини, а пак Охрид и Алкалоид ќе се обидат по првпат да бидат шампиони на Македонија. Секој натпревар и секој бод ќе биде важен.

Во однос пак на опстанокот најмногу е загрозен Радовиш кој вчера означи почеток на зимските подготовки. Тимот е на дното без бодови, Струга е претпоследна со шест бодови, а пак Куманово е на десеттото место со седум бодови. Битката ќе биде да се избегне последното место кое директно води кон испаѓање во Прва лига, како и да се избегне претпоследното место кое води кон баражот за опстанок. Во следниот период се очекува промоција на нови играчи.

Александар Ванев, М-Нет