
Зголемен бројот на порачки во пекарите пред Бадник и Божиќ, на големо се прават колачиња, баници и зелници, лепчиња со паричка. Посни колачиња, баница со праз, сите се подготвуваат за престојните празници, а пекарите со полна пареа работат за да ги задоволат потребите на граѓаните. Цените достапни за сечии џеб, велат од таму.
„Сега за време на празниците ние веќе ги примивме порачките, веќе ги работиме. Најповеќе денеска се бараат колачињата бидејќи утре е Коледе. Утре ќе бидат баниците со праз и зелниците и лепчињата со паричка. Цените мислам дека се добри за граѓаните, колачињата се продаваат по цена од 120 денари за половина килограм, баницата е 250 денари и лепчето со паричка е 30 денари. “ – вели Малинов.
Праксата покажува дека од година во година бројот на граѓани кои порачуваат зелник, баница или лепче со паричка расте. Брзиот начин на живот се поретко дозволува дома да се приготви за празниците, па затоа зголемен е обемот на работа во пекарите.
„Ние веќе порачките ги стопиравме бидејќи толку ни е капацитетот.“ – вели Малинов.
Редица граѓани и денеска чекаа за да купат зелник, баница, лепчиња за утре. Повозрасните велат денеска веже сите купуваат, тие бидејќи не можат да прават, а младите бидејќи немаат време.
Со колачиња утре се чекаат првите коледари кои го најавуваат христовото раѓање.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет