Познато како ќе изгледа плеј-офот и плеј-аутот во Првата одбојкарска лига, Штип УГД и Струмица главни фаворити за титулата!

ФОТО: М Нет

Првиот дел од сезоната во Првата машка одбојкарска лига заврши, а екипите се на заслужен одмор, ниту една екипа не остана непоразена, а веќе е познато како ќе изгледа плеј-офот и плеј-аутот.

Во плеј-офот каде се разигрува за титула и излез во Европа ќе бидат Штип УГД, освојувачот на Купот на Македонија е на првото место, а единствениот пораз беше од актуелниот шампион Струмица, кој заврши на второто место, а во новата сезона струмичани влегоа значително подмладени, па „кикс“ имаше само со ГОК Борец, а успеа да слави над конкурентот Штип УГД во гости.

Покрај овие две екипи кои ќе бидат фаворити за титулата, влегуваат и Работнички и ГОК Борец, а сигурно е дека овие две екипи во продолжението од сезоната ќе прикажат одлични натпревари. Покрај нив во плеј-офот влегуваат и екипите на Универзитет во Тетово и Сушево.

Во плеј-аут сегментот влегуваат екипи на Лирија, Шкендија, Македонија Џио, Весна Пробиштип, Јанта Волеј и екипата на Скопје.

Според пропозициите по завршување на првиот дел од сезоната односно лига-фазата, првите шест екипи на табелат во плеј-офот ги пренесуваат бодовите од првиот дел. Потоа се игра двокружно, а првите четири екипи обезбедуваат пласман во полуфиналето на плеј-офот и ќе разигруваат за шампионската титула.

Што се однесува до плеј-аут сегментот екипи кои ќе се пласираат од седмо до 12. место ќе ги пренесат бодовите од првиот дел и ќе разигруваат во плеј-аут фазата, се игра двокружно, а потоа се добива конечниот изглед на табелата.

Вториот дел од првенството во Првата одбојкарска машка лига започнува на 24. јануари 2026 година.

Александар Ванев, М-Нет