,,Стани, дојди и биди бројка што се брои“ е мотото на новиот марш за ангелите во Кочани, в сабота од 14:05ч.

Немој да гледаш од страна, стани, дојди и биди бројка што се брои, е мото на новиот марш на родителите на починатите деца од дискотетка Пулс Кочани, закажан за в сабота со почеток од 14:05 минути. Како што стои во соопштението на здружението на граѓани 16 март 2025, маршот е предвиден да почне од паркот на револуцијата и да се движи по кочанските улици, се до судот и јавното обвинителство. Ги поканија сите граѓани, кој може да дојде и да присуствува, бидеќи како што велат секој еден е потребен.

,,На следниот марш – немој да гледаш од страна. Стани. Дојди.Биди бројка што се брои. Не одиш за политичари. Не одиш за медиуми. Одиш за тие што ги нема. Одиш за сите повредени кои преживеаја, но во себе го носат товарот што никогаш нема да избледи. Одиш за безбедна иднина на сите деца, за секое утре да биде посигурно од денес.

Те повикуваме да ни се приклучиш на следниот „Марш на ангелите“ – мирен, достоинствен и јасен.Дојди со срце, со присуство, со поддршка. Не затоа што мораш – туку затоа што е исправно. Дојди да покажеме дека јавноста гледа. Дојди да покажеме дека правдата не може да се игнорира. Дојди за оние што повеќе не можат да прозборат. Дојди за оние што преживеаја – и заслужуваат вистина и почит. Дојди за иднината во која секое дете е безбедно. Еден чекор од тебе е голем чекор за сите нас. Време е улиците да зборуваат за она што институциите го премолчуваат. „Маршот не е за нас – туку за сите нас.“„Секој граѓанин е потребен.“, велат од здружението на граѓаните 16 март 2025 Кочани

Во меѓувреме тече и процесот на судење за пожарот во дискотеката Пулс.

Иван Митев, М-Нет