Се размислува за уште едно кратење на Втората фудбалска лига на 12 екипи!

Оваа сезона во Втората македонска фудбалска лига ќе биде последна каде ќе се натпреваруваат 16 екипи, веќе од следната сезона истата ќе биде скратена на 14 екипи, со цел да се добие квалитет.

Но, како што вели претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во новогодишното интервју во Куќата на фудбалот, се размислува за уште едно кратење на Втората лига од 14 на 12 екипи.

„Убеден сум, оваа првенство се убедив и самиот себеси дека е исправна одлуката за крање на Првата лига од 12 на десет екипи. Убеден сум дека и Втората лига уште еднаш да донесеме одлука да ја скратиме, сега ја кратиме од 16 на 14 екипи, да ја скратиме на 12 екипи. Со новиот статут одиме на региони. Новиот статут ќе биде усвоен на почетокот на наредната година со што ќе донесеме нова организација на фудбалската федерација, каде што Општинските фудбалски сојузи нема да бидат чинители туку ќе бидат регионите. Останува отворено прашањето да дискутираме дали Третите лиги ни се потребни, бидејќи има многу клубови во Општинските лиги кои не сакаат да бидат први за да влезат во Трета лига бидејќи им е и скапа, но дискутабилно е со квалитетот. Нас сепак тој аматерски фудбал треба да ни биде да младите играат фудбал, да се натпреваруваат“, рече претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Поради кратењето на лигата од 16 на 14 екипи, како и поради кратењето на Првата лига од 12 на десет екипи, од Прва лига оваа сезона испаѓаат последните три екипи, а пак екипите кои ќе бидат деветти и осми ќе играат бараж за опстанок во Прва лига. Од Втора лига испаѓаат последните пет екипи директно во Трета лига, а пак екипите од 11-тото до деветтото место ќе играат бараж за можен опстанок во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет