Гевгелија есенски шампион, Винеам од Виница на трето место во Аматерската кошаркарска лига

Со одиграни седум кола заврши есенската полусезона во Аматерската кошаркарска лига или трето по ранг натпреварување. Тимот на Гевгелија е есенски шампион со перфектен учинок од седум од седум и максимални 14 бодови.

Кошаркарите на Гевгелија ги добија сите натпревари во есенскиот дел и како големи фаворити влегуваат во пролетниот дел со цел обезбедување на место во Првата македонска лига за следната сезона.

Во рамки на последното коло Гевгелија славеше во Виница над екипата на Винеам со 72:79.

Дибра Иглс загуби од ИБА Скопје на домашен терен со 73:95, а пак Конзули со девет поени го доби Чаир со 69:60, додека пак Шар Планина со 74:56 славеше над Хераклеа.

Есенскиот шампион Гевгелија ќе биде прв фаворит и во пролетниот дел, на второто место заврши Шар Планина со 12 бодови, а пак Виенам е трет со тоа што тимот од Виница има 11 бодови, колку што има и ИБА Скопје за четврто место.

Хераклеа го освои петтото место со десет бодови, Чаир е шести со девет бодови, а толку има и тимот на Конзули кој е седми. На дното е Дибра Иглс како последнопласиран тим со осум бодови со ефект од еден – шест.

Во пролетниот дел ИБА Скопје ќе го пречека есенскиот шампион Гевгелија, Винеам ќе игра со Хераклеа, Конзули против Дибра Иглс, а пак Шар Планина ќе го отвори пролетниот дел со Чаир.

Александар Ванев, М-Нет