Охрид става печат на одлична есенска полусезона, Брегалница ќе презими како трета во Втора лига

Охрид е есенски шампион во Втората македонска фудбалска лига – „рибарите“ зад себе имаат фантастична есен. Тимот кој го води Ромео Кочоски има 11 победи, три реми и само еден пораз, притоа го има најефикасниот напад со 38 гола и втора најдобра одбрана која прими десет гола.

„Рибарите“ имаат бод повеќе од Шкендија Арачиново која ќе презими како втора со 35 бодови, а пак Брегалница ќе биде трета со 33 бодови.

Тимот од Арачиново и тимот од Штип имаат најдобра одбрана со девет примени погодоци.

Останува да се одигра натпреварот во Радовиш меѓу Детонит Плачковица и Скопје кој е закажан за петок, а тој меч може да направи мали промени на табелата.

Триумф за Скопје ќе значи скок на четвртото место, а Беласица би била петта, додека пак за радовишани триумфот ќе значи враќање на седмото место, но и реми им одговара.

Новаци со одлична есен ќе презими како шести, тимот одигра допадлив фудбал, зад себе остава силна полусезона, Осогово кој исто така одигра одлична есен ќе презими како седми или осми ќе зависи од резултатот во Радовиш.

Кожуф со променлива форма дојде до деветтото место со 22 бодови, а во бараж зоната се екипите на Саса и Тетекс со по 17 бодови.

Пет екипи ги очекува тешка борба за опстанок, а некои од нив и речиси невозможна мисија. Вардар Неготино е на 12-тото место или во зоната за директно испаѓање со 12 бодови, на 13-тото место е Победа со 11 бодови, Преспа е на 14-тото место со девет бодови, потоа следува Слога Виница со седум бодови и на дното е Големо Коњари со три бодови, па овие три екипи ќе имаат исклучително тежок предизвик барем за баражот.

Александар Ванев, М-Нет