Се празнува зимен Свети Горгија, граѓаните со посна трпеза и домашни слави

Се празнува зимен Свети Горгија, ослободителот на плениците и заштитник на сиромашните, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносец на сите христијани.

Неговите родители биле богати, чесни и побожни. Неговиот татко маченички пострадал за верата што и придонело малиот Георгиј така силно да го засака Христа и сецело да Му се предаде, да Му служи и со својот живот маченички да ја потврди и исповеди својата вера и љубов кон Христа Господа. Неговата мајка била родена во Палестина, која, исто така, уште од неговото детство успеала да го воспита и насочи својот син во вистинската спасоносна вера и наука.

По смртта на својот сопруг, таа се вратила во своето родно место во Палестина, каде поседувала огромен имот. Таму малиот Георгиј ги посетувал светите места кај што се движел и поучувал. Подоцна младиот Георгиј бил регрутиран во елитната војска на царот. И уште на 20 годишна возраст, тој постанува трибун во војската, чин кој соодветствува на денешен полковник, а тоа било високо место за неговата возраст. Набргу потоа царот го поставил на повисоко место, член во Советот на државата. Тоа било така се додека царот имал толерантен однос кон христијаните, но кога побарал од војската секој да принесе жртва пред мртвите идоли и кога сурово отпочнало прогонувањето на невините христијани од незнабошците, Георгиј прв се спротивставил на таквата наредба.

Бидејќи Георгиј го почувствувал времето кое настапувало за христијаните, почнал да се подготвува за тешките искушенија и измачувања. Најнапред го раздал своето богатство на сиромаси, а наследството од својата почината мајка во Палестина, го дарувал на бедни, болни, немоќни, а робовите ги отпуштил на слобода. Ослободен од сите земни обврски тој можел слободно и без страв да застане пред самиот цар, бранејќи ја вистинската вера во Христа Спасителот.

Кога царот Диоклецијан издал наредба за прогонување на христијаните, ги повикал управниците на источните провинции во Империјата и им дал посебни упатства како да постапуваат со христијаните, тогаш храбриот воин Георгиј смело му се спротивставил на царот и разбеснетиот цар наредил да го затворат во темница со што започнуваат маките на Георгиј.

Тој бил неколкупати сурово мачен. Бил врзан на клади, а на градите му ставиле камен. Не се предал. Потоа бил фрлен во длабока јама со негасена вар. Тој и во јамата се молел, а од таму на неверување на царот, бил изваден жив.

Следувале уште многу мачења: во вжештени железни чизми во кои внатре имало железни шајки ги ставиле нозете на светителот; го удирале по уста; го камшикувале со воловски бич; му давале да пие отров итн. Но, маченикот Георгиј, сето тоа трпеливо го поднесувал.

Во христијанската иконографија, св.вмч. Георгиј, честопати се слика како војник, кој седи на бел коњ со долго копје в рака прободено во уста на страшната ламја.

Верниците ја празнуваат неговата истрајност, заедно ја прославуваат верата за која тој се залагал.

Иван Митев, М-Нет