
Исечени новогодишни сијалици, уништени садници и оштетена урбана опрема – ваква
моменталната слика во централното градско подрачје во Штип, само неколку дена по новогодишното украсување. Градот е соочен со нов бран вандализам кој зад себе остава значителни оштетувања на јавниот имот. Градоначалникот Иван Јорданов остро реагира и бара итна интервенција од СВР Штип. Тој истакнува дека ваквите постапки се директен удар врз заедничкото добро и вложениот труд на Општината. Надлежните апелираат граѓаните да пријавуваат вакви случаи и да помогнат во зачувувањето на јавниот простор.
„Исечени новогодишни сијалици, уништени садници и оштетена урбана опрема во централното градско подрачје. Овие девијантни однесувања не се само вандализам, туку директен удар врз заедничкото добро, врз трудот и вложувањето на Општина Штип и врз сликата на нашиот град.
Како градоначалник, остро реагирам и упатувам апел до СВР Штип за преземање соодветни мерки и санкции кон сите кои свесно го нарушуваат јавниот ред и имот. Таквото однесување не само што ја загрозува безбедноста, туку ја понижува заедницата која секојдневно се труди да гради поубав и поуреден Штип.
Во исто време, упатувам и искрена молба до сите граѓани: нашиот град може да биде онаков каков што го посакуваме само ако секој од нас покаже свест, грижа и одговорност. Само заеднички можеме да го сочуваме јавниот простор, да ги заштитиме инвестициите и да создадеме средина во која сите се чувствуваме горди да живееме.“, истакнува Јорданов на својот личен профил
Од Општината засега не наведуваат дополнителни детали околу понатамошните чекори, но апелираат граѓаните да пријавуваат вакви случаи и да помогнат во заштитата на јавниот простор. Надлежните институции се повикани да постапат согласно законот, додека јавноста очекува разрешување на последните инциденти.
Иван Митев, М-Нет