
Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше против Летонија без голови играјќи 0:0 на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, во последниот меч на нашата репрезентација на домашен терен за 2025 година.
Овој меч беше од пријателски карактер и всушност беше последниот тест за избраниците на селекторот Благоја Милевски пред клучниот меч во вторник против Велс во Кардиф во квалификациите за Светското првенство.
Во првото полувреме нашата репрезентација имаше неколку полушанси, генерално дисциплинирана игра од страна на македонските репрезентативци. Најголема шанса за гол имаше Тихомир Костадинов, а пак Столе Димитриевски одново беше на вистината на задача.
Досадно реми без атрактивен фудбал, како во грч, можеби ги чувавме силите за клучниот меч со Велс, но за Летонија ова е првпат да остане непоразена со Македонија, откако нашата репрезентација имаше пет победи во низа во меѓусебните дуели.
По натпреварот на прес-конференцијата селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, истакна дека е задоволен од сите фудбалери и дека ја оправдале довербата, но вели дека условите за игра треба да бидат подобри.
„Сè што си поставивме како цел за овој натпревар, освен победата, беше исполнето. Сакав да видам како ќе изгледа екипата во нова формација, со нови тактички задачи и во ситуации на кои досега не сме работеле. Од таа перспектива сум навистина задоволен. Жал ми е што условите за игра не беа подобри. Се надевам дека наскоро ќе се направат напори да играме на поквалитетен терен, за да бидеме поефикасни во завршницата. Во тие последни моменти, во третата фаза од нападот, кога противникот е поставен во густ блок, потребно е прецизно завршно додавање, а денес против Летонија тоа го немавме. И покрај тоа, создадовме неколку шанси, но не успеавме да ги реализираме. Честитки за двата тима, и за Македонија и за Летонија. Задоволен сум, сите фудбалери, без разлика дали се стандардни или влегуваат од клупа, ја оправдаа довербата. Тоа ми дава сигурност дека можам да сметам на секој од нив“, изјави селекторот Благоја Милевски.
Следен и клучен предизвик за Македонија ќе биде гостувањето кај Велс во Кардиф, во обид нашите репрезентативци да триуфмриаат и да го осигурат второто место во баражот за Мундијалот.
Инаку, Македонија сигурно ќе има место во баражот за Мундијалот преку Лига на нации, но овој пат ќе биде потежок. Истекот на договорот на Милевски како селектор на македонската репрезентација е при крај, па се отвара прашањето дали истиот ќе продолжи да ја води Македонија или пак нов селектор ќе ја води нашата репрезентација во баражот за Светското првенство.
Александар Ванев, М-Нет