
Во сабота на 8 ноември ќе се одржи 29 „Марш за ангелите во Кочани“. Овојпат родителите на загинатите од пожарот во дискотеката ќе маршираат во пресрет на судскиот процес со цел правично судење.
„На 19 ноември 2025 година започнува судскиот процес за трагедијата што засекогаш ги промени нашите животи. Ние, родителите на загинатите деца, ќе бидеме таму – мирно, достоинствено и со вера во вистината, за да го следиме судењето и потсетиме дека секоја пресуда мора да се темели на вистината, а не на заборавот. Во пресрет на почетокот на процесот, Ве повикуваме сите граѓани на Македонија, на Кочани, сите што верувате во човечноста и правдата, да ни се придружите на 8 ноември 2025 г. сабота во 14:05 ч. од Паркот на револуцујата во Кочани“ – стои во соопштението од здружението на граѓани 16 Март 2025 Кочани.
Од таму посочија дека во сабота ќе се одржи мирен марш за вистинска правда.
„Да чекориме со љубов, болка и со достоинство, во име на оние што повеќе не можат да чекорат.Овој марш не е протест, туку мирен марш за правично судење, за да потсетиме дека зад секој “број” стои име, живот, семејство и болка.
Нашата порака е едноставна, но длабока:
За нашите деца. За Вистинска правда.
За Македонија со совест.“ – додаваат тие.
Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет