Штипјани пресилни во Кичево – ракометарите на Текстилец со нова убедлива победа!

Ракометарите на Текстилец од Штип продолжуваат со одличната победничка форма, откако на гостувањето кај Кичево во меч од 8. коло на Првата ракометна лига со убедливи 16:49 го декласираа тимот на Кичево, кој останува на дното од табелата.

Победата беше најавена уште од самиот почеток на натпреварот, по седум минути игра ракометарите од Штип имаа серија од 0:6, а потоа разликата постојано се зголемуваше. Во 15. минута разликата беше плус десет при 3:13.

Во вториот дел Текстилец играше како на тренинг натпревар без проблеми стигна до убедливата победа од 16:49.

Кај Кичево најпрецизен беше Филип Тошеф со десет погодоци, а кај Текстилец се истакна Филип Џинес со 15 погодоци, а го следеше Јован Атанасовски со девет погодоци.

Во следното коло Текстилец на домашен терен ќе игра против големиот фаворит Младост од Богданци, меч кој ќе се игра во Штип.

Екипата на Овче Поле на домашен терен загуби од Драчево Јуниор со резултат од 19:22, а пак Македонија Ѓорче Петров со 39:20 го декласираше Шампион. Партизан во неизвесен дуел го доби тимот на Преспа со 33:29.

Од оваа коло треба да се одиграат натпреварите меѓу Младост и Јехона, каде домаќинот е голем фаворит и мечот во Неготино меѓу Вардар и Аеродром.

Александар Ванев, М-Нет