Овче Поле го декласираше Рудар и прослави 100 години, нема победник во Пирава и Зрновци, фаворитите според планот во останатите третолигашки региони!

Фудбалскиот клуб Овче Поле прослави 100 години, а на овој голем јубилеј тимот од Свети Николе го декласираше Рудар од Пробиштип со хет-трикот на Тоше Манов, во рамки на 8. коло во Трета лига – Исток.

Клуб со голема историја, со големи успеси и славни моменти, со падови, но љубовта кон клубот и фудбалската историја никогаш не престанала.

Дербито во Пирава заврши без победник откако Ударник и Хоризонт Турново одиграа 2:2 и ги поделија бодовите, а домаќинот мораше да се спасува во финишот од мечот, а некогашниот прволигаш жали за овој резултат бидејќи испушти два гола предност.

Идентично беше и во Зрновци, каде екипите на Светлост и Дојранско Езеро ги поделија бодовите откако одиграа 2:2, па со тоа тимот од Зрновци и натаму останува без триумф.

На висок триумф се радуваше екипата на Победа која во Валандово со 8:1 го декласираше Малеш од Берово во меч на тотална доминација на домаќинот.

Натпреварот меѓу Брегалница и Тиверија во Делчево не се одигра, откаок гостинот од Струмица побарал одложување на натпреварот поради вирус кај играчите, па со тоа овој натпревар ќе треба да се одигра во нов термин.

Во Трета лига – Југ се одиграа натпреварите од седмото коло, каде Борец забележа победа од 3:0 над Башкими од Јаболчиште, па така ланскиот второтолигаш од Велес продолжува на патот кон враќање во Втората лига. Превалец со 0:3 го декласираше Влазними Јуниор во гости, Младост во Кривогаштани доживеа пораз од 3:5 од екипата на Млекар, која стигна до прво сезонско славје, а пак на прва победа се радуваше и Тополка, која со 3:0 го доби Дреново.

Екипата на Венец од Долни Дисан славеше против Ултрас, а пак Росоман го доби Питу Гули со 2:0, па така тимот од Крушево го доживеа првиот сезонски пораз.

Обилните врнежи од дожд одложија три натпревари од осмото коло во Трета лига – Север, бидејќи поради поплавените фудбалски терени немаше услови за игра. Така беше на терените каде требаше да игра Беса Сарај со БВК Коњаре, Куманово со лопати и Студеничани со Отља.

Во однос на останатите натпревари Еуромилк ГЛ со 3:2 го доби Ржаничино, Беса Слупчане загуби од Аеродром со 1:2, а по мечот се случи инцидент во кој бил нападнат голманот на Аеродром кој бил пренесе во болница за укажување на лекарска помош.

Пчиња со 1:0 го доби Башкими Љуботен, а пак Фортуна го декласираше Кадино со 7:0.

Во Трета лига – Запад се одиграа пет од шест натпревари од 6. коло, откако мечот меѓу Зајас и Џепчиште не се одигра, бидејќи екипата на Зајас се откажала од понатамошно натпреварување.

Лидерот Камјани го декласираше тимот на Ренова со 2:6, Напредок беше пресилен за Дрита со 4:0, Вардар во Брвеница го декласираше Љуботен со 3:0, а пак два натпревари завршија без победник. Речица одигра 2:2 со Доброште, а пак Скендербег и Влазерими ремизираа исто така 2:2 во меч каде трите погодоци беа постигнати во судиското надополнување за вистинска драма.

Во Трета лига – Југозапад во рамки на 6. коло беа одиграни четири од пет натпревари. Натпреварот меѓу Велешта и Света Троица од Охрид не се одигра, бидејќи судиите доживеале сообраќајна несреќа додека патувале кон Велешта, па мечот ќе се игра во нов термин.

Демир Хисар на домашен терен беше декласиран од Караорман со 0:4, додека пак Кравари со 4:0 го декласираше Кораб.

Лидерот Влазними со 5:2 го доби Напредок од Ношпал, а пак Славеј и Могила ги поделија бодовите играјќи 2:2.

Александар Ванев, М-Нет