
Турски државјани со часови чекаат пред полициската станица во Штип, со цел да извадат лични документи, докумети за престој и слично. Сликата речиси секојден е иста, па како што велат се соочуваат со мака за која бараат решение.
„Секоја година за лична чекаме на студот пред вратите од 6 часот наутро, и оваа година ја минуваме истата мака. Ве молиме, пренесете го нашиот глас — веќе 8 часа чекам пред полициската станица во Штип.“ – реагираа засегнати турски државајни до нашата редакција.
За ваквата ситуација М-Нет побара одговор од Министерството за внатрешни работи. Од таму во писмено соопштение истакнаа дека се прават максимални напори за да се излезе во пресрет на барањата на странските државјани.
„Во врска со вашите прашања ве известуваме дека СВР Штип и Регионалниот центар Исток прават максимални напори и во функција се ставени целокупните капацитети за да се излезе во пресрет на барањата на странските државјани во врска со поднесувањето на документи за престој во државата.“ – велат од полицијата.
Најголем дел од Турските државјани кои престојуваат во Штип се студенти запишани на УГД Штип.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет