
Денеска на програмата се два натпревари од 4. коло на Првата македонска фудбалска лига и еден од 2. коло на Втората лига.
Лошиот влез во сезоната на тимот на Македонија ЃП може да се толкува од повеќе аспекти. Исклучително тешкиот распоред, во кој „Лавовите“ имаа задача да се спротивстават на Струга ТЛ, Шкендија, Силекс, неколку повредени фудбалери и нерегистрираните странци. Сепак, во Ѓорче Петров, во ниту еден од овие факти не бараат алиби за поразите, туку гледаат само напред.
Во 4. коло од Прва МФЛ, во Ѓорче Петров гостува Пелистер. Со шест бода од три кола екипата на Пелистер е во посакуваниот прв дел на табелата, но незгодниот распоред кој им донесе повеќе гостувања на битолчани дополнително се комплицира со гостувањето на жешкиот терен во Ѓорче Петров.
Фудбалерите на АП Брера имаат нов предизвик, гостување во Кавадарци и дуел со Тиквеш во четвртото коло од Прва МФЛ. Ќе се обидат да стигнат до позитивен резултат, како што тоа го направија на претходното првенствено гостување, на Арената „Тодор Проески“ против Вардар, кога одиграа 2:2. Тимот на Тиквеш ќе има задача да стигне до првата победа.
Од 19:30 на стадионот „Младост“ во Струмица, Беласица го пречекува Скопје во последниот меч од 2. коло на Втората македонска фудбалска лига.