Брегалница утре со „генералка“ во Штип против Слога Виница пред стартот на сезоната во Втората лига

ФОТО: М Нет телевизија

Утре на градскиот стадион во Штип ќе се одигра „генералката“ на Брегалница со Слога Виница пред стартот на новата сезона во Втората македонска фудбалска лига.

Натпреварот ќе започне во 17:30 часот, а влезот ќе биде слободен за сите кои ќе сакаат да го проследат овој последен контролен натпревар пред почетокот на новата сезона.

Претходно, Брегалница на градскиот стадион во Штип се тестираше со второлигашот Вардар Неготино, а кој тест натпревар го добија „сините“ со резултат од 2:0.

Брегалница влегува со нова управа и турски инвеститор во новата сезона, засилена со штипски фудбалери кои се враќаат во тимот од Штип како и со неколку други искусни фудбалери. Слога Виница го сочува костурот на тимот за новата сезона, а притоа ангажираше и неколку нови засилувања.

Екипата на Брегалница новата сезона ја отвара против Кожуф на домашен терен, додека пак Слога Виница како повратник во второлигашкото друштво во рамки на првото воведно коло ќе гостува во Автокоманда кај екипата на Скопје.

Сезоната во Втората лига ќе започне на 23 август, а екипата на Брегалница е меѓу главните фаворити за првото место кое води директно во Првата лига, а новата сезона ветува неизвесности и за местата кон елитата, но и во борбата за опстанок, бидејќи поради кратењето на лигата испаѓаат пет екипи, а три играат бараж, а директен опстанок гарантираат само првите осум позиции.

Александар Ванев, М-Нет