
Македонските прволигаши изминатите денови засилено промовираат нови играчи, но притоа и се продолжува соработката со клучните играчи од минатата сезона.
Новиот прволигаш Арсими од Чегране кој за првпат во клупската историја ќе игар во Првата лига објави дека е продолжена соработката со голманот Вулнет Ислами, Ајрадин Цуцули, Мухедин Дардишта, Џезаир Авдули, Арѓент Гафури, Суби Мустафа, Малик Белули, Шпенд Асани, Албан Таипи и со најдобриот стрелец од минатата сезона Албин Рамадани.
Како што веќе информиравме на 1 јули екипата на Арсими ќе ги започне подготовките, а главната фаза ќе ја реализира во Охрид.
Повратникот во елитата, екипата на Башкими за новата сезона објави дека „зелено-црниот“ дрес ќе го носат Ардит Демири, Амир Јашар, Борјан Пановски, Емир Асани, Филип Алексовски, Мухарем Мислими и Самет Реџепи.
Силекс постигна договор со Дарко Анѓелески за продолжува на соработката со што тој е назначен и за нов капитен. Новиот капитен на прволигашот од Кратово во претходните три сезони има одиграно 82 натпревари во Првата лига за Силекс, постигнувајќи два гола, а притоа запиша и пет асистенции. Претходно, Силекс го претстави и Омар Беровиќ.
Работнички го претстави Флоријан Кадриу, кој со тимот од Дебар Маало стави потпис на договор од една година со опција за продолжување на уште една година.
„Романтичарите“ се селат во Охрид каде ќе ја одработат главната фаза од подготовките. Веќе утре во Струга екипата на Работнички ќе се тестира со Партизани Тирана, а пак на 27 јуни во Охрид против Балкани.
Александар Ванев, М-Нет