Одбојкарите на Македонија со убедлива победа над Црна Гора во Струмица

ФОТО: ОФМ

Со блескава игра и победа од 3:0 (25:20, 25:21, 25:13) над Црна Гора, машката одбојкарска репрезентација на Македонија го заокружи настапот во ЦЕВ Европската Златна лига 2025. Во последниот натпревар, одигран синоќа во салата „Парк“ во Струмица, избраниците на Јошко Миленкоски ја прикажаа својата најдобра партија оваа сезона и со стил го завршија годинашното издание на престижното натпреварување.

Иако првите два сета се играа рамноправно и со голема борба, македонските одбојкари покажаа карактер во клучните моменти. Со дисциплинирана и сигурна игра, нашата репрезентација знаеше како да го скрше отпорот на цврстата црногорска селекција. Искусниот Никола Ѓоргиев беше вистински лидер на теренот со 16 поени, следен од Александар Љафтов со 12, додека Филип Савовски додаде 9 поени.

Во третиот сет, Македонија доминираше целосно, користејќи ги техничките грешки на противникот и рутински ја завери победата.

Со оваа победа, Македонија го завршува настапот во Златната лига со две победи од шест натпревари и деветто место на табелата – позиција што ѝ обезбедува учество и во следното издание на ова елитно европско натпреварување.

Александар Ванев, М-Нет