
Во спортската сала на кочанското село Оризари се одигра хуманитарен натпревар во мал фудбал во чест на загинатите од Оризари во пожарот во дискотеката „Пулс“, собраните средства од истиот беа донирани за настраданите од големата трагедија.
Со многу солзи и емоции, со маички со имињата и слики на Андреј Лазаров, Стефанија Солокова, Андреј Стојанов и Стојанче Стефанов беше одигран хуманитарниот натпревар кој заврши со резултат од 6:4, но резултатот беше во втор план.

Натпреварот започна со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагедијата, а беа пуштени четири бели гулаби од најблиските на младите загинати. Солзи во очите, срца кои треперат, емоции и силна порака дека Андреј Лазаров, Стефанија Солокова, Андреј Стојанов и Стојанче Стефанов никогаш нема да бидат заборавени.

Андреј Лазаров беше познат фудбалер кој настапуваше за прволигашот Шкупи, а кој остави голема трага во македонскиот фудбал и градеше меѓународна кариера, настапувајќи за екипи од Хрватска.
Александар Ванев, М-Нет