Македонската боречка репрезентација до 15 години со големи резултати на Меѓународен турнир во Грција: Екипно прво место и многу медали!

Македонската репрезентација до 15 години блескаше на Меѓународниот турнир во борење „Ахилеија“, што се одржа во Лариса, Грција. На натпреварувањето учествуваа десет европски држави, а младите македонски борачи се искачија на врвот, освојувајќи го првото место во екипна конкуренција. Второпласирана беше селекцијата на Грција, додека третото место ѝ припадна на Молдавија.

Во женска конкуренција, најуспешна беше Теа Донева, која во категоријата до 54 килограми го освои златниот медал. Изабела Зајков се закити со сребро во категоријата до 62 килограми, а бронзата ѝ припадна на Спасија Василева во категоријата до 50 килограми.

Кај момчињата, златни одличја освоија Лука Ананиев (41 кг), Абдулазиз Азизи (52 кг) и Димитар Атанасов (75 кг). Со сребрени медали се вратија Дардан Бела (57 кг), Даријан Павлев (68 кг) и Христијан Димитријев (85 кг), додека бронза освоија Матеј Трајковски (62 кг), Ендрит Сулејмани и Заим Заими (двата во категорија до 38 кг). Мираџ Мустафа во категоријата до 48 килограми го освои четвртото место.

Македонската репрезентација на турнирот беше предводена од тренерите Јасин Реџелари и Риад Реџепи во машка конкуренција, како и Марјан Христов кој ја водеше женската селекција. Дел од тимот беше и судијата Игор Христов, кој го претставуваше нашето судиско име на меѓународната сцена.

Ова е уште едно големо признание за македонското борење и потврда за квалитетот на младите спортски надежи кои со посветеност и труд го носат македонското знаме на врвот од европските спортски настани.

Александар Ванев, М-Нет