
Фудбалскиот клуб Воска Спорт од Охрид преку соопштение информираше дека и официјално се повлекува од натпреварувањето во Првата македонска фудбалска лига.
Одлуката за повлекување од натпреварувањето во македонскиот шампионат доаѓа по казната изречена од страна на ФФМ, со која на охридскиот прволигаш му се одзеде девет бодови поради напуштањето на теренот за време на натпреварот против Вардар во претходното коло при 1:1, со што Вардар овој меч го доби со службени 0:3.
Воска Спорт и да продолжеше со натпреварување сигурно ќе испаднеше во Втората лига, бидејќи бодовно сериозно застанува откако и беа одземени девет бодови.
Од клубот истакнаа дека одлуката за повлекување е резултат на незадоволство од судиските одлуки во текот на сезоната во ПМФЛ, за кои тврдат дека биле на нивна штета.
Покрај одземените бодови, санкционирани се и претседателот на клубот Нефи Усеини и тренерот Клодиан Арбри, кои добија двегодишна суспензија во фудбалот, а клубот ќе треба да плати и парична казна во износ од 7.500 евра.
Ова значи дека Воска Спорт ќе биде исфрлена во најнизок ранг на натпреварување.