
Интересот за одбојката во Штип се зголемува, младите сакаат да го спортуваат овој спорт кој во последните години станува се популарен во градот под Исарот, а има и зошто.
Одбојкарскиот клуб Штип УГД ја одбрани Куп титулата и две години по ред го освојува Купот на Македонија, а сега атакува и на двојната круна. Атмосферата е на високо ниво, клубот е одлично организиран имаше и низа на настани за промоција на одбојката како спорт низ основните училишта во Штип и тоа допринесе да се буди се поголем интерес кај младите за одбојката.
Штип УГД покрај тоа што настапува со сениорскиот тим, располага и со три младински категории.
„Ние имаме три категории пионери, кадети и младенци и сите оваа година се натпреваруваа. Младинците отпаднаа во четвртфинале, моментално со кадетите го очекуваме нашиот противник за четвртфиналните средби. Пионерите исто отпаднаа во групи, меѓутоа работиме се комбинираат генерациите имаше смена на генерации и така натаму. Броиме некаде над 35 деца во тие младински категории. Започнавме со девет сега имаме 35, очекуваме другата година да имаме и 50. Веќе има потенцијал деца коишто би се наметнувале и се наметнуваат во сениорската екипа, така да, еден играч од една генерација ако ние извадиме ако можеме да се вклопи во нашата екипа сме го постигнале нашиот ефект“, вели Ристески.
Големи резултати кои што ги има Штип УГД е уште една причина за да се зголеми интересот за одбојката, а клубот веќе има план како да се работи со младите одбојкари.
„План е од наредната сезона овие категории да не ги имаме само во една сала, туку да се договориме со повеќе сали со повеќе тренери со што би формирале помали групи по школските сали, со цел децата да не патуваат бидејќи се мали на таа 10 – 11 годишна возраст, да не патуваат после нивните часови само во една сала, туку да може да тренираат и во останатите сали. Сметам дека дека така би се зголемил бројот“, вели Ристески.
Штип УГД сега оди кон испишување на нова историја, а тоа е освојување на двојната титула, а таа борба одново ќе се води со Струмица.
Александар Ванев, М-Нет