Цената на јајцата засега реална за купувачите, можен ли е пресврт неколку дена пред Велигден?

Од наредната недела граѓаните ќе купуваат јајца и ќе се подготвуваат за Велигден, велат анкетираните на терен во Штип. За сега велат дека цената на јајца по маркетите е реална, не се скапи, па согласно ова може да се купат за празникот и да не бидат луксуз. Но, не се исклучува и можноста неколку дена пред големиот христијански празник Велигден цената на јајцата да „скокне“ како што е пракса изминатите години.

Инаку јајца за Велигден има, а тоа беше соопштено уште претходниот месец од страна на Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија.

Како традиционален производ кој е дел од Велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количини во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници.

Во просториите на Комората се одржала работна средба помеѓу компаниите од овој сектор, членки на Комората и претставници на ресорното министерство. Од таму потенцираа дека Најголемите производители и извозници на јајца најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да  останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови. Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација, велат од Комората.

Оттаму ги потсетуваат потрошувачите да внимаваат при купувањето – да ја проверуваат трајноста и потеклото на јајцата, како и да ги поддржат локалните производители.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет