Општина Штип продава десет парцели за домување во населба Три Чешми, пријавувањето е до 28 април

Општина Штип продава десет парцели во населбата Три Чешми. Парцелите се со намена А1 станбено домување, со површини од 350 до 400 метри квадратни. Заинтересираните граѓани имаат можност да се пријават до 28 април, а аукцијата е на 30 април. Почетна цена е едно евро од метар квадратен.

„Општина Штип на системот градежно земјиште објави десет парцели со намена А1 станбено домување во куќи кои се наоѓаат во населба Три Чешми или поточно на локалниот пат од левата страна кон село Сушево. Овие парцели се со поврпини од 350 до 400 метри квадратни и нивната катност е приземје, два ката и поткровје. Рокот за пријавување на сите заинтересирани е до 28 април и имаат обврска да извадат банкарска гаранција во износ од 31 илјада денари. Аукцијата ќе се случи на 30 април. Оние кои ќе дадат највисока понуда ќе склучат договор со Општина Штип и имаат обврска во рок од девет месеци да извадат дозвола за градба, а во рок од десет години да завршат со градбата.“ – вели Шорова-Ангелова.

Освен за домување во населбата Три Чешми ќе се продаваат и парцели наменети за лесна индустрија, кои се наоѓаат на регионалниот пат кон штипските села Врсаково и Судиќ, од десната страна на безниската пумпа. Во меѓувреме ќе се работи на инфраструктура, изградба на улици, водоводна и канализациона мрежа.

„Во населбата Три Чешми веќе подготвуваме и објава за продажба на парцели со намена Г1 однонсо индустрија“ – додава Шорова-Ангелова.

Со продажбата на парцелите и изградбата на новите куќи, населбата дополнително ќе заживее, велат жителите кои живеат во овој дел од градот. Децидни дека Три Чешми е мирна населба и се надеваат дека ќе се зголеми бројот на граѓани, пред сѐ бројот на млади.

Шорова Ангелова вели дека до крајот на годината се надеваат дека ќе објават и продажба на уште најмалку дваесет парцели за индивидуални куќи.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет