
Надминат проблемот во село Црвулево, во Општина Карбинци со водоснабдувањето. Откако жителите и по една недела остануваа без вода за пиење, општината и ЈП „Плачковица“ со конкретни мерки и активности излегоа на терен. Градоначалникот, Виктор Паунов, ги посети семејствата кои изминатиот период беа вез вода за пиење, истакнувајќи дека проблемот е надминат и ваква ситуација нема да се повтори во иднина. Селото Црвулево е највисока точка во Општина Карбинци, и токму затоа имаше проблем, вели директорката Елена Коцева.
„Имавме проблем во нивото на снабдување во село Црвулево. Што значи село Црвулево е највисоката точка која се снабдува и преку препунктна станица. Сега проблемот е надминат и се надеваме дека во наредниот период нема да се случуваат такви работи“ – вели Коцева.
И жителите од селото велат дека вода моментално има, а за то сведочат и пуштените чешми. Тие се надеваат дека ваквата ситуација ќе се задржи во иднина, бидејќи без вода не можат да ги извршат основните потреби.
Во село Црвулево како и во неколку останаи карбински населени места во тек е тест перидот за водоснабдување од ХС Злетовица, по што треба да се официјализира постапката и Карбинци да биде петтата општина која ќе добива вода за пиење од Злетовица.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет