
Во сабота ќе се играат натпреварите од 17. коло на Втората фудбалска лига, а истото ни носи неколку натпревари кои ќе бидат доста важни и за горниот дел од табелата каде се води борба за второто место, но и во долниот дел каде се води борба за опстанок и каде практично ова коло може да ни донесе промени на дното од табелата.
Лидерот Македонија ЃП на домашен терен ќе игра дерби со третопласираниот Башкими, ова е меч исклучително важен и за двете екипи, бидејќи „лавовите“ со триумф ќе бидат два чекори пред другите кон Првата лига, а пак Башкими сака триумф после ремито со Борец со цел да избие на второто место.
Дербито на Југот се игра во Гевгелија каде ќе се соочат Кожуф и екипата на Вардарски, во меч каде двете екипи имаат променет изглед во составот и нови тренери. Вардарски е „фенерџијата“ и доколку против Кожуф не забележи позититивен резултатот, тимот од Богданци ќе биде се подалеку од опстанок.
Беласица на домашен терен ќе ја пречека екипата на Вардар Неготино, каде струмичани ќе атакуваат на првиот пролетен триумф после минималниот пораз во првото пролетно коло, а пак тимот од Неготино ќе сака нов триумф и со тоа да биде сигурен во опстанокот.
„Против Беласица се знаеме со Беласица, добра екипа млада екипа, сега и тие се засилени на некои позиции. Очекуваме децата да одиграат максимално добро, да го дадат максимумот, мислам дека непоразени ќе се вратиме од Струмица“, рече Тодорчев за М Нет телевизија.
Арсими сака продолжување на победите против Охрид, а со тоа тимот од Чегране да го напаѓа второто место за Прва лига, а пак охриѓани ќе бараат пролетна победа.
Борец и Победа го играат дерби од дното, два екс прволигаши кои сега водат борба за опстанок во Втора лига. За Борец победата би значела прогрес до бараж зоната, а за Победа триумфот би значел можен прогрес, но и да не се случи тој прогрес ќе значи значителна бодовна дистанца од бараж зоната.
Токму во таа бараж зоната е Осогово, кој загуби во Неготино во првото пролетно коло, а сега пак ќе има повеќе од тешко гостување во Автокоманда кај Скопје. „Жетварите“ имаат психолошки тежок притисок, со оглед на тоа што може веќе во сабота и да се спуштат во зоната за директно испаѓање ако нема триумф.
Брегалница на домашен терен против Новаци ќе бара триумф во пролетниот дел, откако во претходното коло одигра нула против Победа во Прилеп. За штипските „сини“ овој триумф ќе биде многу значаен, бидејќи се освен триумф може да ги спушти па и две места надолу на табелата, а пак Новаци е мотивиран за изненадување против фаворитот.
Во Радовиш ќе се соочат Детонит Плачковица и Каменица Саса, каде двете екипи кои во претходното коло ремизираа, сега ќе бараат триумф. Радовишани засега остануваат во игра барем за баражот, но веќе во сабота ќе мора да ги добијат трите бодови, а „рударите“ во Радовиш одат по позитивен резултат.
Сите натпревари од 17-тата рунда ќе започнат во 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет