
Во сабота со пет и во понеделник со еден меч ќе биде одиграно 19. коло од ракометната Суперлига на Македонија.
Радовиш ќе гостува во Велес каде ќе се соочи со тимот на Борец каде практично тоа ќе биде и тест на двете екипи во плеј-аут борбата за опстанок. Двете екипи ги очекува неизвесна пролет кога е во прашање опстанокот, а фактот што Радовиш ги врати двајцата искусни играчи токму од велешкиот тим е додатна предност за радовишани.
Вардар како апсолутен фаворит против Куманово лесно би требало да го освои целиот плен, а пак неисвен дуел ќе има меѓу Тиквеш и Прилеп каде тимот од Кавадарци кој влезе во победнички ритам ќе атакува на нов триумф против прилепчани.
Струга влегува во резултатска криза и против Бутел ќе се обиде да освои бодови и да стави крај на серијата од три порази во низа. Бутел ќе ја има фаворитската улога на себе, а со триумф ќе биде сигурен патник во плеј-офот.
Охрид максимално подготвен ќе гостува кај Пролет каде ќе бара победа после поразот од шампионот во претходното коло, а пак домаќинот ќе се обиде да дојде до триумф против „гладијатарите“ особено откако загуби во Куманово во претходната рунда.
19-тата рудна ќе се комплетира во понеделник со големото дерби меѓу шампионот Еурофарм Пелистер и лидерот Алкалоид, меч кој ќе решава за првото место на табелата. Ова ќе биде соочување на двата директни ривали во трката за титулата, а Вардар кој ќе има лесна задача против Куманово ќе го чека исходот од Битола.
Александар Ванев, М-Нет