
На 10 февруари во 9:30 часот почнува судењето против Фадил Зејнелов, кој на 1 ноември минатата година ја уби 29 годишната Емилија Прошева во Штип.
Овој судски предмет ќе го води судијата кривичар во Основен суд во Штип, Сашко Георгиев, кој откако му престана мандатот како член на Судскиот совет се врати на своето работно место во штипскиот Основен суд. Според истрагата на Основното јавно обвинителство за убиството на штипјанката Прошева обезбедија докази според кои обвинетиот на 1 ноември 2024 година, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. Откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на Јавното претпријатие „Исар“ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој започнал силно да ја стега во пределот на вратот, додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во Полициска станица-Штип. Барањето на Невладините организации кои работат на женските права и со жртвите на семејно насилство се согласни дека ова убиство треба да се квалификува како фемицид. Жртвата претходно пријавувала насилство, но постапката против Зејнелов кој го изврши убиството ја има запрено на 2 септември, за што тогаш потврдија и од Центарот за социјални работи во Штип.
Лаура Стојанова М-Нет