Живеалишта послани со слама, клима уреди, покалорична исхрана за животните во ЗОО паркот Бриони во зимски услови

Живеалишта послани со слама, вклучени клима уреди доколку е потребно, пообемна и покалорична исхрана – на ваков начин животните во ЗОО паркот Бриони во Штип ги надминаа екстремно ниските температури. Поголем дел од животните се навикнати и прилагодени на ниски дневни и вечерни температури, вели раководителот, Драган Стефановски, па нивните живеалишта беа само послани со повеќе слама. На тој начин се создава дополнителна топлина и можност соодветно да преживеат на ниски температури.

„За животните живеалиштата ги полниме со слама за да можат да преживеат во зимски услови, храната им е со зголемен обем, и покалорична. Жвотните кои имаат потреба од загревање, просториите им се загреваат“ – вели Стефановски.

За разлика од најголем дел од животните во ЗОО паркот во Штип, мајмуните се греат на клима. Тие се меѓу ретките кои не се прилагодени на екстремно ниските температури и затоа потребно е нивно дополнително затоплување. Истовремено се носи покалорична храна како пченка, концетрат и слично.

„Вијаните се единствени животни кои се греат на клима. Покалорична исхрана значи пченка, сточен концентрат и слично“ – додава Стефановски.

ЗОО паркот Бриони и во текот на зимата преставува вистинска атракција за посетителите. Особено за време на викендите бројот на посетители е зголемен. Радува фактот што зимава ја преживееа сите животни во овој парк. Истиот располага со голем број домашни животни, птици и слично, а тенденција е оваа бројка во иднина да расте, да се донесат нови и интересни животни со што би се зголемил и интересот за посета.

Лаура Стојанова М-Нет