Шест каратисти на КК Штип ќе учествуваат на Европското првенство во Полска, подготовките започнуваат уште денес!

Шест каратисти на карате клубот Штип ќе земат учество на Европското првенство во Полска, што е уште еден голем успех за овој клуб.

Карате клубот Штип на ЕП ќе учествува со Љупче Михајлов, Душица Бреслиева, Паола Арсовска, Драгана Ефтимовска, Божјидар Зафиров и Михаил Спасов.

„Вчера настапивме на плеј-офот на државниот турнир во Скопје каде што беше изборен турнир за Европско првенство што ќе се одржи во Полска. Плеј-оф се вика затоа што пред две недели имавме Државно првенство, победниците од оваа Државно првенство се борат меѓусебе кој ќе излезе најдобар патува на ЕП. Настапивме со 14 каратисти од нив шест успеаја да изборат место во репрезентацијата на Македонија. Во месец февруари ќе го претставуваат Штип и Македонија на ЕП во Полска. Ние сме презадоволни од настапот на сите спортисти другите што не се пласираа беа буквално за влакно блиску до победата. Победата на нашите шест каратисти нека биде мотивација за сите да продолжат да работат понатаму и да се радуваме на нивните успеси“, рече Арсовски.

Штипскиот клуб веќе има неколку европски медали, а очекуваат медали и од ЕП во Полска, кое ќе се одржи во месец февруари идната година.

„Не е првпат КК Штип да се закити со европски медал, имаме од овие категории веќе неколку медали. Ние секогаш тренираме за да победиме така ќе биде и овој пат се надеваме дека ќе се во најдобар ред. Веруваме во нашите спортисти тие макотрпно работат со нас наутро и навечер, секој еден, се е тоа со цел да се победи било кој натпреварувач од цела Европа. Со таа мисла одиме и во Полска и се надеваме дека ќе се радуваме на позитивен резултат“, додава Арсовски.

Арсовски за М Нет телевизија истакна дека атмосферата и хемијата во клубот е на високо ниво, како едно семејство секој за секого.

„Ние дејствуваме како фамилија и тие што победија и тие што изгубија, заедно се радуваат на сите успеси, заедно плачат на некој пораз, еден со друг се надополнуваме учиме, атмосферата е одлична, веќе делуваме како фамилија сега наша цел е за сите да помагаме на овие шест каратисти да се вратат со одлични резултати. Припремите почнуваат уште денес нема одмор знаеме дека ќе биде многу тешко спремни сме на тој предизвик, исто така и јас и мојот брат Сашко како тренери и нашите спортисти како претставници на државата сме спремни на тој предизвик и одиме на медал“, дополнува Арсовски.

Карате клубот Штип уште денес ги започнува подготовките за Европското првенство во Полска, за гордо претставување на Штип и Македонија, а целта секако ќе биде атак на медалите.

Александар Ванев, М-Нет