Дали баражите за влез од Трета во Втора лига конечно ќе се укинат?

Шампионите во Трета лига и на натаму немаат директен влез во Втора лига, односно мораат да играат бараж натпревар за влез во повисок ранг на натпреварување.

Ова е прашање за кое подолг период разговараме, а ставот на речиси сите клубови, на многумина тренери е дека шампионите треба да имаат директен влез во Втора лига.

„Според мене шампионот во третите лиги не треба да игра бараж, еве сега кај нас да ја земеме Слога Виница многу вложува со млади фудбалери од страна, многу се вложува, многу се работи, за на крај од некои сплет на околности еден натпревар да ти попречи се што се вложувал во претходната година. Според мене не треба да има бараж“ вели Гоцевски во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.

Во претходните две сезона екипата на Влазерими не ги поминува баражите иако е шампион во Трета лига – Запад, а пак минатата сезона Куманово и Кораби исто така не ги поминаа баражите.

„Веќе ако се прават промени треба да се почне од темелот. Тука се општинските лиги, тука се третите лиги да ги зајакнеме третите лиги, со тоа и Втората лига и секако Првата лига. Не треба да има бараж повторувам значи тоа е мое мислење и не мора да биде точно“, додава Гоцевски.

Може да се случи да бидете први, да немате ниту еден загубен натпревар, а потоа да бидете поразени во баражот преку пенал рулетот и цела сезона пропаѓа.

„Лани еве ќе спомнеме имам таму пријатели во Куманово се вложија, додоа се од себе, инвестираа, бараж еден натпревар, беа можеби и поквалитетен тим од Победа, но ете сега се борат за опстанок да речеме пример. Тоа е едно разочарување кога многу вложиш и на крај некоја ситница те оддалечува и според мене мислам дека треба да се тргнат тие баражи“, заклучува Гоцевски.

Во Трета лига постојат пет региони тоа се Исток, Север, Југ, Југозапад и Запад, петте третолигашки шампиони заедно со екипата која ќе биде на 14-тото место во Втора лига играат бараж натпревари, поразени екипите остануваат во Трета, а победниците во Втора лига.

Ова прашање е долг период актуелнот, останува да видиме дали во некоја од следните сезони ставот на третолигашите и на многумина фудбалски познавачи ќе се слуше и баражите за влез во Втора лига ќе се укинат.

Александар Ванев, М-Нет