Жикица Ивановски – еден од нашите најуспешни ултрамаратонци, штипјанецот цели кон предизвик од 320 километри!

Жикица Ивановски е еден од нашите најуспешни ултрамаратонци, штипјанецот има голема и успешна кариера како ултрамаратонец, но како започнува со овој спорт, открива во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.

„Првично немам некоја тркачка позадина освен тоа што сум тренирал фудбал, меѓутоа додека студирав во Скопје се занимавав со алпинизам и особено после завршување на тренинзи правевме некои истрчувања за растеретување на мускули на раце. Таму запознав пријатели како Трајче Панковски и Марин Стојановски и тие ме поканија да одиме на Фрушкогорски ултра маратон, кој се одржува во близина на Нови Сад, планина која што има до 700 метри нависока точка. Ми дојде како предизвик рекоа има трка од 103 километри, ќе одиме ќе ја пешачиме и успешно ја завршивме таа приказна и од таму почнаа многу работи после“, раскажува Ивановски во Трибина на М Нет телевизија.

Ивановски отркива кој бил неговиот најголем предизвик кој успешно го совладал.

„Тешка можеби, најтешка беше првата 100 милји во 2014 година UTMB, искрено немав ни познавања како ќе изгледа тоа и тоа мислам дека беше најтешкото. Беше предизвик да се финишира на UTMB.“

Штипјанецот во Трибина открива и на кој резултат е најмногу горд.

„Можеби таа 2014 година првото UTMB односно второто бидејќи во 2012 година бевме со Трајче Панковски, но поради невреме се скрати трката на 105 и 2014 година за мене најгорд се осеќам на тој резултат, затоа што за помалку од 32 часа успеав да го финиширам и таа беше прва моја трка од 100 милји. Инаку, после тоа имам да кажам и побрзо време на 100 милји, но се е релативно во зависност од теренот, може теренот бил полесен“, рече ултрамаратонецот Ивановски.

Ивановски ексклузивно во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија открива дека цели кон голем предизвик за трка од 320 километри.

„Немам некоја конкретна сега трка, меѓутоа би сакал на една трка има во Италија во долината Аоста која што опфаќа еден дел од UTMB што е околу трката Монт Блан, трката се вика „Круг на гигантите“ има разни должини, но јас би сакал да се пробам на дистанца од 320 километри, да пробам нешто поголемо“, открива во Трибина на М Нет, еден од нашите најуспешни ултрамаратонци Жикица Ивановски.

За овој предизвик нашиот најдобар ултрамаратонец вели дека треба сериозни подготовки за успешно да биде совладан еден ваков предизвик.

Александар Ванев, М-Нет