
За ракометарките на Астибо од Штип утрешниот меч е да се биде или не против дебитантот Ѓорче Петров 2, бидејќи само победа е опција во борбата за второто место во групата А кое води во плеј-офот, што е поставена цел на Астибо од пред почеток на сезоната.
За овој важен натпревар Астибо бара поддршка од штипјани, од навивачите, да дојдат во спортската сала „Тошо Арсов“ во Штип, во четврток од 18 часот и да бидат ветер во грб на штипските ракометарки.
„Почитувани љубители на ракометот, ве покануваме да го проследиме заедно овој важен натпревар за нас, затоа што со победа влегуваме во играта за плеј-оф! Вашето присуство е потребно повеќе од било кога и затоа ве очекуваме сите во што е можно поголем број во четврток во спортскиот храм „Тошо Арсов“, со почеток од 18:00 часот. Со екипата на ЖРК Ѓорче Петров 2, во гости успеавме да победиме и да се радуваме, па ајде да го направиме тоа и на домашен терен и радоста да биде уште поголема!“
Во групата А каде што игра Астибо фаворит е Чаир кој веќе е сигурен патник во плеј-офот, а битката за второто место Астибо ќе ја води со Скопје.
Александар Ванев, М-Нет