Новиот парк кај бунарите во Штип нова тема за препирки меѓу власта и опозицијата

Во недостаток на конкретни проекти и резултати, штипско ДПМНЕ на чело со градоначалникот Јорданов се обидуваат од ништо да направат нешто, да претураат од шупло во празно, па да ѝ продадат на јавноста евтина приказна за некое наводно големо постигнување истакнаа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Велат дека со најавата за нов парк кај бунарите Штип ќе остане само со еден извор за водоснабдување.

„Со сегашната најава за изградба на парк онаму кајшто се лоцирани бунарите, станува евидентно дека локалната самоуправа предводена од ДПМНЕ го остава Штип со само еден извор за водоснабдување. Градоначалникот Јорданов на јавноста ѝ должи одговори на прашањата: Дали конечно и официјално се уништува бунарскиот систем? Дали најавениот парк се гради во заштитена зона или веќе нема што да се штити? Зошто не се реализира предизборното ветување за парк на друга, посоодветна локација, како Суитлак? Или таа локација, како и многу други, доби пренамена за задоволување на урбаната мафија? Дали градоначалникот ги утврдува приоритетите само според бизнис интересите? “ – вели Иванов.

Тие нека продолжат со лаги и невистин да манипулираат на дневна основа, јас ќе продолжам со работа и реализација на проекти, врати градоначалникот Јорданов.

„Како што ќе се доближуваат локалните избори со прес конференции на дневна основа сдсм се обидува да се доближат до граѓаните. Очекувам на дневна основа како ќе се ближат изборите да ме критикуваат мене за се што се работи во градот. Тие нека продолжат со лаги и измислици и невистини на дневна основа, а јас ќе продолжам на дневна основа со реализација на проекти и со многу работа. Доколку сакаа да помогнат 30 години имаа можност за тоа“ – вели Јорданов.

Јорданов посочи дека проектите ќе се реализираат и со тоа ќе се покаже дека навистина се работи на терен.

Лаура Стојанова М-Нет