Тренерот кој што донесе историја во Радовиш спогодбено заминува: Варадиновски не е повеќе тренер на Детонит Плачковица

ФОТО: Александар Ванев, Телевизија М Нет

Тренерот кој донесе големи резултати за Детонит Плачковица, кој направи најголем историски успех во фудбалот во Радовиш, спогодбено заминува. Иван Варадиновски не е повеќе тренер на Детонит Плачковица, откако двете страни решиле спогодбено да се разделат.

Варадиновски пред две и пол сезони го превзема кормилото на Детонит Плачковица, во пролетниот дел од полусезоната во која го водеше Детонит Плачковица заврши на високото 5. место што беше најголем успех за фудбалот во Радовиш. Минатата сезона Детонит Плачковица заврши на високото трето место, а радовишани играа бараж за влез во Првата лига против скопски Вардар, но беа поразени во Струмица. Овој резултат е најголем во фудбалот во Радовиш.

Детонит Плачковица под водство на Варадиновски немаше ниту еден пораз на домашен терен минатата сезона, а прими само еден гол.

„Спогодбено одлучивме да ја прекинеме соработката, секој почеток има и крај, ова за мене беше повеќе од успешна приказна и во овие две и пол години заедно со играчите испишавме историја и имавме резултати за почит. Екипата не е во некоја резултатска криза со оглед на тоа дека е почеток на првенството. Благодарност уште еднаш до играчите и на сите инволвирани во клубот“, изјави Варадиновски ексклузивно за телевизија М Нет.

Интересот за Варадиновски и пред почетокот на оваа сезона беше голем, тој и во претходната сезона, но и пред стартот на новата сезона беше на радарот на три екипи од Втората лига кои имаат високи амбиции да се борат за Прва лига во новата сезона.

Членот на управниот одбор на ФК Детонит Плачковица, Станко Манчевски го потврди заминувањето на Варадиновски од тренерското столче, а притоа во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет се заблагодари на Варадиновски за професионалната соработка посакувајќи му успех во иднина.

Целиот разговор од гостувањето на Манчевски во Трибина ќе може да го проследите во четврток од 20:30 часот на М Нет телевизија.

Промената доаѓа пред репрезентативната пауза, за што клубот од Радовиш добива на време со цел да го реши испразнетото тренерско место.

Александар Ванев, М-Нет