
Состојбата со корона вирусот е се поалармантна во Штип. Според неофицијални информации, денес веќе има над 32 новозаболени, а од директорот на Клиничка болница Ален Горгијев дознаваме дека на инфективно одделение има 52 пациенти.

Од д-р Георгиев добивме информација и за 48 годишниот штипјанец кој неодамна почина од влошена здравствена состојба, како резултат од корона вирусот. Дека е позитивен на КОВИД 19 со земање брис потврдено е во болницата 8 Септември во Скопје, каде итно бил испратен откако во штипското инфективно одделение бил само околу четири часа. Во 8 Септември починал утредента откако бил однесен во Скопје. Д-р Горгијев рече дека починатиот бил со тешка клиничка слика кога побарал здравствена помош во клиничката во Штип.

-По само околу четири часа, видовме дека ќе биде неопходна интензивна терапија и веднаш го однесовме во Скопје – истакна д-р Горгијев додавајќи дека починатиот претходно се лечел во домашни услови, а медицинска помош побарал откако веќе немало друг начин да му се подобри здравствената состојба.
Починатиот штипјанец кој работел како референт во Центарот за социјални услуги во Општина Штип имал проблеми со срцето и со црниот дроб.
По информацијата за неговата смрт Центарот каде работел две недели ќе биде затворен поради самоизолација на останатите кои таму биле вработени.
По масовното тестирање во текстилните фабрики во Штип, во само една од нив вчера имало 30 позитивни, што би требало да значи дека мора да започнат да се воведуваат поригорозни мерки за заштита на штипјани. Пред се` вработените во конфекциите и нивните најблиски.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ