Ќе се модернизираат земјоделците во Источниот плански регион

Земјоделците од 11-те општини кои се во рамките на Центарот за развој на источен плански регион по месец ноември годинава ќе бидат модернизирани со нови, агрометереолошки станици.

Станува збор за современи, автоматски агрометереолошки станици кои ќе бидат од големо значење, бидејќи освен мерење на метереолошките податоци, преку имплементиран софтвер земјоделците ќе добиваат информации за прогноза на болести за културите за која ќе бидат однапред определени на станиците, за прогноза на полен, а ќе имаат и модели за биометео.

Исто така, со тоа каде ќе бидат поставени, станиците ќе предвидуваат и како жителите ќе ги чувствуваат временските услови, што се поврзани со главоболки и мигрени.

Глигор Тодоров од „Фуд Агро“, фирма која го доби тендерот за имплементирање на агрометереолошките станици во Источен плански регион, истакна дека веќе има мапирано климатолошки локации за нивно поставување, по една за секоја општина пооделно. Сите податоци од измерените вредности ќе бидат јавно достапни за сите корисници во Источниот регион, рече Тодоров.

-Тоа значи заштеда на средства за заштита, а со тоа и зачувување на животната средина. Поставувањето на станиците не е фиксно, може од следната година да се пременува во друга локација во зависност од културата и како ќе се покаже искуството. Значи, од користењето од самите податоци и задоволството на самите земјоделци.

Станиците ќе бидат од отворен тип и сите корисници ќе можат да ги користат податоците преку мобилна апликација,  којашто ќе биде промовирана по завршување на процесот на поставување. Истовремено ќе биде промовирана и веб платформа на која ќе бидат имплементирани моделите за прогноза на болести па сите земјоделци на неа ќе ги добиваат сите потребни информации

Самата станица, затоа кажавме автоматска агрометереолошка станица, бидејќи не е потребно дополнително да се ангажираат луѓе за читање на податоци. Самата работи на соларна енергија, се обновуваа со батерија, се чува самата енергија, ги праќа податоците на сервер, а таму се препраќаат на мобилна апликација, и на компјутерска апликација, односно до крајните корисници – објаснува Тодоров.

Ова е еден од многуте проекти, односно 21 проект кои се во тек на реализација од страна на координаторите во Центарот за развој на источен плански регион, за чија имплементација се предвидени над 260 милиони денари.

Координаторот за овој проект, Александар Николов, рече дека средствата се обезбедени во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка.

-Вредноста на проектот е два милиони денари преку Програмата за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, а донатори се Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.

Покрај овие агрометереолошки станици, од оваа иста програма во моментот се реконструираат ски-лифтовите на туристичкиот локалитет „Пониква“, а до крајот на месецот ќе биде распишана и јавна набавка за реконструкција и адаптација на Дом за стари лица во Општина Берово – истакна Николов.

До крајот на оваа година Центарот за развој на Источен плански регион со заедничките чинители од регионот треба да започне процес на изработка на стратегијата за планскиот регион, рече Николов. Ќе се подготвува стратешки документ кој ќе ги даде правците за планирање, приоритети и проекти за наредните четири години.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ДАРКО ДОНЕВ