
Штипска Брегалница во новата сезона ќе игра во Втората македонска фудбалска лига, откако минатата сезона испадна од Првата лига. Пред стартот на новата сезона кој е закажан за 17. август, екипата промовираше четири нови играчи.
Станува збор за Емре Кадри, Џихан Адили, Виктор Крстевски и Рејан Абази. 20-годишниот Кадри во Штип доаѓа од редовите на прволигашот Работнички, а дефинзивецот претходно има настапувано во младинските категории на турска Адана.
22-годишниот Адили во Брегалница доаѓа од редовите на второлигашот Кожуф од Гевгелија, а во својата кариера ја започнува во младите категории на Шкупи, а настапуваше за Кораб од Дебар, Беласица, а играчот од среден ред настапуваше и за Дреница во Косово.
Крстевски и Абази во редовите на „сините“ доаѓаат како позајмени играчи во пакет од прволигашот Гостивар. Крстевски е стопер, а во својата кариера новиот играч на Брегалница кој е роден 2002 година има настапувано за Вардар и Пелистер. Абази, исто така е роден 2002 година и ќе го засили нападот на Брегалница која е предводена од Трајче Сенев. Во својата кариера Абази има настапувано за Работнички, Шкупи, Кораб, Локомотива и последно Гостивар.
Од штипскиот второлигаш велат дека со оваа четворка, полека се комплетира конечниот ростер на Брегалница за претстојната сезона, а која Брегалница ја отвара на домашен терен против прилепска Победа.
Брегалница во новата сезона влегува со цел експресно да се врати во Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет