Цистерни со вода на повеќе локации во Штип се до нормализирање на водоснабдувањето

Цистерни со вода поставени на повеќе локации во Штип, со цел граѓаните да се снабдат со вода за пиење се до целосно нормализирање на водоснабдувањето. Од утринава цистерни со вода се поставвија во населбите Дузлак, Пребег, Ново Село, а во текот на денот тие ќе ротираат и во Три Чешми, Сењак, Горна и Долна Железничка. Граѓаните со шишиња полнеа вода, за да можат да ги задоволат основните домашни потреби. Свесни дека се работи на терен, велат благодарни се што се поставуваат цистерни преку кои добиваат вода. Трпеливо очекуваат активностите на терен да завршат во најбрз можен рок и да добијат вода за пиење.

„Во секој случај со цистерната сме задоволни, оти изненадно бидна, без вода останавме дома. Кога се работи нешто треба да бидеме смирени и ова моментално е најдобро решение кое може да се направе.“ – велат граѓаните.

Вода за пиење на чешмите во Штип нема оти се работи на поврзување на новата водоводна мрежа. Екипи на ЈП „Исар“ и приватниот изведувач од вчера се на терен со цел да се завршат активностите и да се добие вода. Со ова се очекува да се стави крај на проблемите со водоснабдувањето во Штип со кој граѓаните се соочуваа години наназад.

Лаура Стојанова М-Нет