
Македонските ракометни суперлигаши промовираат нови засилувања за новата сезона. Шампионот Еурофарм Пелистер се засили со повратникот Усама Хосни, репрезентативец на Тунис, кој на македонската ракометна јавност е добро познат, бидејќи десниот бек го носеше дресот на битолскиот клуб во сезона 2022/2023.
Хосни е четврто засилување за Еурофарм Пелистер за новата сезона, а во неговиот прв престој во Битола беше клучен играч во освојување на титулата за битолскиот суперлигаш после 18 години. По заминувањето од Битола, Хосни настапуваше за Ал Араби од Кувајт.
Тимот на Тиквеш од Кавадарци за новата сезона се засили со Данило Осадчиј, украински кружен напаѓач кој доаѓа од екипата на Уеска, а со Тиквеш потпиша две години договор. Кавадаречкиот суперлигаш гради сериозен тим со високи цели во новата сезона.
Новото засилување на Тиквеш започна во Запорожје играше за Мотор Политехника, потоа играше за Донбас, а последно за Уеска во Шпанија.
Левото крило Христи Бикоски останува во Прилеп и во следната сезона во која ќе биде и капитен. Бикоски беше еден од најдобрите стрелци во тимот на Прилеп кој е предводен од Божидар Мојсов во претходната сезона. Прилеп заврши на првото место во плеј-аутот
на Суперлигата и со тоа го обезбедија опстанокот, а во новата сезона најавуваат повисоки цели.
Прилеп мисли на иднината откако со нов договор го „врза“ Ангел Крстески, кој и во иднина ќе го носи дресот на матичниот Прилеп. Средниот бек стави потпис на тригодишен договор со Прилеп, а со тоа младиот ракометар ќе има можност да настапува во Суперлигата.
Куманово активно работи на засилувања на ростерот за новата сезона во Суперлигата, а за таа цел е договорен и младот Блаој Христовски како најново засилување, кој доаѓа од младинските категории на Еурофарм Пелистер. Новото засилување на Куманово игра
на бековската позиција, а во следниот период ќе бидат претставени уште неколку засилувања.
Ново засилување во Куманово е и Христијан Крстаноски кој доаѓа од редовите на Металург РА, а претходно левиот бек има настапувано за Струга и Вардар од Неготино. Крстаноски потекнува од Струга каде ги има поминато сите младински категории, а има настапи и во младинските категории на македонската репрезентација.
Како што и претходно објави телевизија М Нет, Куманово во новата сезона ќе влезе со големи амбиции, откако во мината сезона заврши на второто место во плеј-аутот на Суперлигата и го избори опстанокот.
Александар Ванев, М-Нет