
Земјоделците од Овчеполскиот регион со трактори го блокираа експресниот пат Штип-Велес. Револтирани се што земјоделските култури засеани на нивните ниви се жедни за вода, бидејќи од вчера повторно немаат вода за наводнување од Хидросистемот „Брегалница“.
Драги Павлов од село Црнилиште вели дека земјоделските површини на кои одгледуваат детелина, бостан, лозја, пиперки, домати се оставени без вода, со што како земјоделци трпат штети и годинава ќе им бидат намалени приносите. Забележува дека околу земјоделците од 15 села во општините Свети Николе и Лозово со децении имаат проблеми со наводнувањето од ХС „Брегалница“, а какошто вели Павлов надлежните од овој систем за наводнување не се придржуваат на планот за рестрикции на водата за наводнување.
„Во каналот за наводнување нема капка вода и овој народ ќе има последици и бараме водата да ни ја пуштат веднаш. Штетите на земјоделските култури се огромни, имаме површини каде што нема ниту капка вода за наводнување, а сите плаќаме воден надоместок“.- вели Павлов.
Земјоделецот Владо Здравковски вели дека со децении е истиот проблем за земјоделците од Овче Поле.
„Се изгоре и веќе е ова срамно за оваа држава. Мицковски да ги слушне земјоделците од овој регион“. – вели Здравковски.
Земјоделците кои со својата механизација го блокираа експресниот пар Штип-Велес бараат решавање на проблемот со наводнувањето на нивите во Овчеполскиот регион. Во текот на попладневните часови ќе имаат состанок, на кој ќе одлучат на кој начин ќе го изразуваат својот револт. Инаку денеска половина час беше целосно блокиран ескпресниот пат Штип-Велес, по што беше ослободена една колововна лента и сообраќајот го регулираа полициски службеници.
Директорот Богатинов истакна дека вода во Калиманци има доволно, но проблем е старата инфраструктура и честите дефекти на каналите.
„Вода има доволно, Калиманци има 95 милиони метри кубни вода, но проблем е старата инфраструктура и честите дефекти на каналите за наводнување. Наводнувањето на Овче Поле задоцни за околу 9 дена заради дефект на вентили кај Свети Николе и село Врсаково. Од друга страна сезоната за наводнување е скоро еден месец порано од минатите години заради високите температури и раната вегетација и се поклопува со периодот на налевање на оризните површини во кочанско. Земјоделците во Овче Поле три дена имаа 6,5 метри кубни во секунда, системот односно десниот магистрален канал е проектиран за 9,5 метри кубни, но заради застареност и опасност од дефекти, не може да се испушта оваа количина. Очекуваме до крајот на неделата да финишира налевањето на оризните површини, после што и во Овче Поле ќе има вода во каналите за наводнување. “ – вели Богатинов
Отаму посочиа дека очекуваат до крајот на неделата да се финишира налевањето на оризните површини, после што и во Овче Поле ќе има вода во каналите за наводнување.
Лаура Стојанова, М-Нет