Македонија загуби од Хрватска – Милевски: Играчите имаат проблеми со клубови! Следен тест против Чешка

Македонската фудбалска репрезентација вчера беше поразена на пријателски натпревар од Хрватска во Ријека со резултат од 3:0.

Мајер со атрактивен гол од слободен удар го отвори резултатот, потоа со втор гол на Мајер хрватската репрезентација имаше два гола предност, додека пак нововлезениот Палашиќ во 79. минута ги постави конечните 3:0 со тоа Македонија доживеа висок пораз.

Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски, вели дека ова е резултат на тоа што играчите имаат проблеми со клубовите.

„Не сум задоволен од тактичката дисциплина и во поголемиот дел од натпреварот од физичката подготвеност на дел од нашите играчите. Но тоа е резултатот на проблемите кои ги носат од своите клубови. Ова е одлична прилика да видиме од повеќе аспекти до каде сме и на што треба да работиме за да бидеме на повисоко ниво и во иднина“, кажа селекторот Милевски.

Следен пријателски натпревар кој ќе го одигра нашата репрезентација ќе биде против Чешка, кој ќе се одигра на гостински терен на 10. јуни, нова можност за Македонија да забележи позитивен резултат.

Александар Ванев, М-Нет