Денес започна уредување на улицата „Сремски Фронт“, која се наоѓа во една од најголемите населби, населбата Сењак. На терен започна трасирање и припрема за бетонирање на пристапната улица до станбените згради. Со години наназад, жителите кои живеаат на улицата се соочуваат со проблеми до пристапот, па затоа по барање од нив и програмата за работа на Општина Штип денес се работи на терен.
„Се наоѓаме во една од најголемите населби во нашиот град, тоа е населбата Сењак, на улицата „Сремски Фронт“. Овде се започнува со трасирање и припрема за бетонирање на пристапна улица до станбените згради кои што се наоѓаат на оваа улица. По барање на жителите, затоа што со годините наназад се соочуваат со потешкотии со пристапот и со внесувањето на покуќнина, огревно дрво. Го слушнавме нивното барање, соогласно со програмата се започнува со работа и очекувам наредните денови да биде завршена оваа пристапна улица која ќе го олесни начинот на кој што живеаат и функционираат жителите.“ – изјави Јорданов

Инаку финансиската рамка за реконструкција на улицата изнесува околу половина милион денари кои се издвоени од буџетот на општина Штип. Јорданов вели дека паралелно ќе се работи и на уредување на другите делови пред станбените згради.
„Паралелно на оваа активност која што изнесува некаде околу половина милион денари, од буџетот на Општина Штип, исто така ќе се уредуваат и другите делови од пред станбените згради. Ќе се поставува урбана опрема, поправка и тековно одржување на скалниците, на пристапните влезови. Се надевам дека од населба во населба, од ден во ден ќе ги задоволуваме се повеќе потребите на граѓаните.“ – додава Јорданов
Теренот на кој се работи овој период, велат дека околу 20 години не е саниран ниту пак уреден. Посочуваат дека во втората фаза се планира и веќе постоечкиот пристап да го асфалтираат и да го олеснат пристапот на граѓаните.
Лаура Стојанова, М-Нет