Муслиманите денеска го празнуваат Рамазан Бајрам, еден од најголемите празници

Денеска верниците од Муслиманска вероисповед го слават празникот Рамазан Бајрам. Празнувањето започна утринава со утринска молитва во Џамијата на која присуствуваа голем број верници. Потоа секој заминува дома на појадок со што продолжува славењето на еден од најголемите празници за верниците од Муслиманска вероисповед.

„Рамазан Бајрам започнува рано изутрина кога во Џамијата доаѓаат голем број верници, почнавме со утринската молитва, а потоа имаше говор од страна на Оџата. Оваа година имавме Оџа гостин од Турција“ – вели Шабановски.

Одбележувањето на празникот продолжува со семеен ручек, а во наредните три дена се посетуваат роднини и пријатели. Поимотните им даваат милостина на сиромашните со цел сите да може да го прослават празникот на достоинствен начин. Овој празник уште се нарекува и шеќер Бајрам.

„На овој ден сите се облекуваат во својата најубава облека, дури оние кои се во можност купуваат нова облека за своите деца. Адет се баклавата и сармата, и тоа е најубавата работа за Бајрамите“ – додава Шабановски.

Рамазан Бајрам трае три дена еден по друг започнувајќи од првиот ден од месецот шевал, односно десеттиот месец според арапскиот календар.

Лаура Стојанова М-Нет