Здравков: Од морални причини се повлекувам!

Штипскиот прволигаш Брегалница и тренерот Горан Здравков спогодбено се разделија, а причина за ваквата разделба се лошите пролетни резултати, со кој тимот се спушти на дното од табелата во „елитата“.

На последните пет натпревари во Првата лига штипските „сини“ имаат скор од три порази и две ремија и се на последнотото место со само 22 бодови на своето конто, па новиот тренер ќе има тешка задача кога е во прашање опстанокот во Првата лига.

По заминување Здравков посочи дека си заминува од морални причини од тренерското столче во Брегалница.

„Од морални причини се повлекувам од тренерската функција во Брегалница, затоа што искрено чувствувам дека сето тоа е единствено решение во интерес на клубот и градот кои заслужуваат далеку повеќе од својот миленик. Силно верувам во овој тим и фудбалерите на Брегалница за кои знам дека можат и мораат многу повеќе. Од срце им посакувам до крајот на сезоната да се изборат за целите и амбициите кои беа зацртани со стартот на сезоната, на радост на најверните навивачи на клубот“, рече сега веќе екс тренерот на Брегалница, Горан Здравков.

Брегалница веќе овој викенд на Градскиот стадион ќе се соочи со фаворитот Шкупи, во рамки на 26. коло од Првата лига.

Александар Ванев, М-Нет