Цената на оризот паѓа, оризовите површини дополнително се зголемуваат

Цената на оризот паѓа, а дополнително оризовите површини се зголемуваат. На ваква новонастаната ситуација алармираат оризопроизводителите од кочанскиот регион. Велат во амбарите уште стои непродаден ланскиот ориз, па не знаат што ќе прават со нови зголемени количини. Ги плаши и цената на белото злато, оти како што велат не е задоволителна ни сега, а ако се зголеми производството таа дополнително ќе падне.

„Вадите уште не се исчистени, имаме испратено барања до министерот ама одговор нема се уште. Со ова темпо вадите да се чистат до 11 октомври нема да се исчистат. Нема машини, нема пари, нема ништо, ситуацијата е статус кво. А, дополнително ги прошируваат површините за ориз. Ние со овие количини не можеме на крај да излеземе, а се прават и нови.“ – вели Арсов.

Велат нема одговор на нивните барања од страна на Министерството за земјоделство, нема зелена нафта, нема исплатени субвенции. Бараат решение на сите проблеми со цел да не се доведе државата во ситуација да биде зависна од увоз на производи.

„Цената паѓа на оризот, а тие зголемуваат површина. Нема зелена нафта, нема исплатени субвенции, нема ништо“ – вели Арсов.

Арсов вели дека земјоделците ќе одржат нов состанок на кој ќе се презентираат недостатоците со кои се соочуваат и ќе одлучат за понатамошните постапки. И овојпат не е исклулена можноста за нов протест.

Од Водостопанство „Брегалница“ Кочани посочија дека вадите се чистат, проточни води ќе се пуштат во периодот од 7 до 15 април, а ид десниот магистрален канал од 25 април па до крајот на месецот. Во однос на зголемување на оризовите површини децидни се дека тоа е по барање на оризопроизводителите.

Лаура Стојанова, М-Нет