
Денес беше отворена пролетната полусезона во Втората женска фудбалска лига со три натпревари од 8. коло, а истото ќе се комплетира утре во Македонска Брод со мечот меѓу Порече и Кочани.
Вардар на домашен терен со „петарда“ (5:0) против Билјанини Извори го отвара пролетниот дел.
Теодора Јанковска беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Мила Наумовска, Миа Закев и Ангела Зафироска.
Лидерот Атлетико со 0:10 го декласираше тимот на Плачковица и во Битола се враќа со три бодови, па повеќе од јасно е дека дербито во Скопје со Вардар ќе одлучи кој директно ќе патува во Прва лига, а кој ќе игра бараж за влез во „елитата“.
Тамара Нешковска во 4. минута погоди за 0:1, а потоа капитенката Симона Тасева со два брзи гола зголеми на 0:3, откако во 16. минута првиот гол го постигна од белата точка. Михаела Настовска во 29. минута со атрактивен гол од слободен удар зголеми на 0:4, резултат со кој се замина на полувреме.
На стартот од вториот дел Настовска со втор гол зголеми на 0:5, а потоа Мина Коваческа погоди за 0:6.
Слободанка Сара Димитроска во 70. минута беше прецизна за 0:7, а до крајот Мелиса Милица Димитриоска постигна три гола за конечни 0:10. Во 77. минута поради втор жолт картон од игра беше исклучена Маријана Ташкова, со што домашниот тим до крајот играше со играч помалку.

фото: ТВ М Нет
Во Валандово на мечот меѓу Валандово и Борец паднаа десет гола за победа на гостинот од Велес од 4:6.
За домашниот тим хет-трик постигна Софија Чилевска, а еден гол постигна Марија Крапевска. За гостинот хет-трик постигна Мери Трајковска, а по еден гол постигнаа Ема Неделкова, Андреа Јовановиќ и Сара Јовевска.
Александар Ванев, М-Нет