
Денес беа одиграни четири натпревари од 17. коло, кое ќе биде комплетирано на 11. април со дуелот меѓу Скопје и Шкендија од Тетово.
Најубедлива победа забележа Тиверија која со 0:9 ја декласираше Цевитана, која како домаќин наместо во Прилеп играше во Струмица, па така Тиверија наместо во гостин си играше дома.
Теодора Шопов со пет гола ја искина мрежата на прилепчанки кои немаат сили да парираат, Јована Павловска беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Билјана Панеска и Викторија Недева.
Сосема очекувана победа имаше и лидерот Љуботе, откако со 8:1 го „уништи“ Топ Гол и во Битола го испрати со полна мрежа. 25-годишната Бразилка Присцила Едите Силва постигна четири гола, Бојана Петкова беше двоен стрелец, а гол запиша и Бразилката Викториа Талита Алваренга Диас, а пак Дарија Стојчевска си постигна автогол. За гостите единствен стрелец беше Анастасиа Илиевска, која погоди во 87. минута.
Речица ја прежиеа Струга откако одигра 1:1 против фаворитот Ас Јунајтед и дома се враќа со огромен бод кога е во прашање опстанокот во „елитата“. Улса Максути во 24. минута погоди за 1:0, а во 43. минута Ана Боризоска постигна гол за конечните 1:1.
Во пролетниот дел Речица игра во победничка серија има две победи во низа, а сега и реми против фаворитот од Струга, со што повеќе од јасно е дека Речица атакува на директен и сигурен опстанок, односно сака да го избегне и бараж мечот.
Истатов на домашен терен загуби од фаворитот Каменица Саса со 1:2 во меч каде гостинот од Македонска Каменица на полувреме имаше водство од 0:2 со погодоците на 21-годишната Бразилка Туане Де Соуза Фрагосо и Ана Димитровска. Во вториот дел Љубица Асановиќ во 51. минута ги постави конечните 1:2.
Љуботен е на врвот од табелата со 44 бодови, Саса е втора со 43 бодови, а пак трета е Тиверија со 38 бодови. На 4. место е Ас Јунајтед со 36 бодови. Скопје е петти со 25 бодови, но и натпревар помалку, Истатов останува шести со 15 бодови, Цевитана е седма со 13 бодови, Шкендија е осма со 10 бодови, но и натпревар помалку.
Топ Гол е на 9. место или во бараж зоната со девет бодови, а на дното е Речица исто така со девет бодови.
Александар Ванев, М-Нет