Речица со нова победа, Тиверија и Љуботен пресилни, Саса минимално во дербито со Скопје

Овој викенд се одиграа натпреварите од 16. коло од Првата женска фудбалска лига, а фаворите според очекуваното и во оваа рунда.

Љуботен со убедливи 6:1 го декласираше Ас Унитед на домашен терен во меч каде лидерот имаше апсолутна и доминантна игра во текот на целиот натпревар. Алваренга Диас во 28. минута погоди за 1:0, а во 43. минута искусната голгетерка Улза Максути погоди за 1:1 на полувреме.

Во вториот дел гостинот од Струга целосно се распадна и прими дури пет погодоци. Павлинка Николовска во 51. минута го врати водството за Љуботен на 2:1, Едите Силва беше двоен стрелец, а во финишот Петкова и Марковска погодија за убедливи 6:1.

Каменица Саса се намачи со Скопје и во финишот со минимални 1:0 славеше откако Анастасија Маринковска во 80. минута беше стрелец на победничкиот гол.

Тиверија со „петарда“ на домашен терен за убедлива победа од 5:0 над Истатов. Сосема беше очекувана победата за домашниот тим кој имаше улога на апсолутен фаворит. Паневска, Терзиски, Бошеска и Галабовска погодија за 4:0 на полувреме. Во финишот на мечот Јована Павловска погодија за конечните 5:0.

Топ Гол на домашен терен забележа важна победа над Шкендија од Тетово во борбата да се избегне баражот за опстанок. Теодора Бумбароска погоди во 27. минута за 1:0, предност со која Топ Гол замина на полувреме.

Во вториот дел од мечот одигран на „Павел Шатев“ во Битола Анастасиа Илиевска погоди за конечните 2:0.

Речица на домашен терен стигна до многу важна победа во дербито за опстанок против прилепска Цевитана со резултат од 3:1. Домашниот тим забележа втора пролетна победа во низа. Анѓела Петковска во 4. минута постигна гол за 1:0, а пак Јасмина Јовановска во 30. минута погоди за 2:0 на полувреме.

Во вториот дел Речица правеше притисок и стигна до убедливи 3:0 со вториот гол на Петковска. Во 76. минута искусната Катерина Милеска ги постави конечните 3:1.

Во однос на табелата лидер е Љуботен со 41 бод, на второто место е Саса со 40 бодови, на делба на третото место со по 35 бодови се Тиверија и Ас Унитед. На 5. место со 25 бодови е Скопје, шести е Истатов со 15 бодови, Цевитана е седма со 13 бодови, Шкендија е осма со 10 бодови, во бараж зоната односно на деветтото место е Топ Гол со девет бодови, а на дното во зоната за директно испаѓање и понатаму е Речица со осум бодови.

Александар Ванев, М-Нет